Во случај на необјаснета неплодност, пациентката има “нормална” дијагноза, и покрај тоа што безуспешно се обидува да зачне и тоа 6 месеци ако е на возраст од 35 години и повеќе, односно, 12 месеци ако е на возраст под 35 години.
Со цел да се задоволи оваа дијагноза, жената мора да има редовна овулација, нормална шуплина на матката, проодни јајцеводи, нормален резултат од семената анализа и соодветни оваријални резерви.
Постојат, веројатно, мноштво причини за необјаснета неплодност. Со цел за една жена успешно да забремени во даден месец, постојат многу индивидуални чекори кои треба коректно да се извршат. Доколку има проблем било каде во овој синџир на настани, тогаш зачнувањето нема да се случи. Додека стандардните испитувања на неплодноста овозможуваат да се оценат многу важни фактори поврзани со плодноста, не е возможно да се откријат сите потенцијални проблеми.
Добивањето дијагноза на необјаснета неплодност, не значи дека не постои проблем со плодноста, туку, дека одредени проблеми не можат да бидат идентификувани. Сепак, необјаснетата неплодност е честа дијагноза, и генерално носи со себе поволна прогноза. Третманот обично започнува со орални лекови, како што е кломифен цитрат, во комбинација со интраутерина инсеминација. Доколку три до шест циклуси не успеат да произведат успешна бременост, тогаш се преминува на Ин витро оплодување (ИВФ).