Една од најчестите дилеми кај секоја трудница, посебно во овој период на годината е дали може да патува и кои се препораките за изложување на сонце.
Препораките на гинеколозите се дека нема никаква контраиндикација да се патува доколку се утврди дека не се работи за ризична бременост. Ако бременоста е редовно контролирана и нема никаква опасност за предвремено породување или појава на други патолошки состојби кои бараат мирување или хоспитализација тогаш може да се користат сите превозни средства со одредени препораки, различни за секој период од бременоста.
Генерална препорака е да се избегнуваат патувања во првиот триместер до 12 гестациска недела, бидејќи тогаш бременоста е највулнерабилна. Најбезбедно е да се патува од 14-та до 28-та гестациска недела.
Најдобро средство за патување е со авион, нормално во зависност од политиката на авиокомпанијата, повеќето од нив дозволуваат летање до 36-та гестациска недела. Некои компании може да побараат и мислење од гинеколог дека не се работи за ризична бременост и нема опасност да дојде до предвремено породување во текот на летот.
Ако сте трудница, кога влегувате во авион, пожелно е да изберете седиште каде ќе можете слободно да ги испружите нозете и на секои 15-20 минути да направите прошетка низ авионот за да ја овозможите потребната циркулација.
Патувањата кои траат подолго од 5 часа не се препорачливи, затоа што има поголема опасност за појава на хиперкоагуабилна состојба на крвта кај трудницата, т.е зголемен ризик за појава на тромбоза.
На она на што треба да се внимава е појасот за безбедност да биде врзан под стомакот , а не преку него. Исто така да се внесуваат многу течности , а најдобро вода, за да не дојде до дехидратација заради сувиот воздух во авионот.
Некои трудници, посебно оние со понизок притисок, или со анемија , може да почувствуваат блага вртоглавица заради поразредениот воздух, но тоа е толку минимално, што не би требало да предизвика некој посериозен проблем.
Трудниците не треба да се плашат дека се изложени на зголемена радијација , бидејќи за да дојде до тоа треба да се лета околу 10 часа секој ден. Опасност од зголемено космичко зрачење имаат само оние трудници кои работат во авиокомпании, како персонал во летелото.
Друго средство за патување е автомобил, кој може да биде многу покомотен, бидејќи самата трудница може да го поставува ритамот на патување. Препораките се слични, задолжителна пауза на 30-40 минути со мала прошетка, заради одржување на нормална циркулација, посебно во долните екстремитети. Возилото треба да биде добро климатизирано, со оптимална температура, ниту преладно, ниту пак претопло. Треба да се пијат доста течности и да се внесуваат повеќе мали и лесни оброци, за да се поднесе подобро патувањето. Бидејќи трудниците имаат нарушена работа на гастроинтестиналниот тракт, кој дополнително се влошува со патувањето, треба многу да внимаваат на исхраната.
Патувањата до одредени дестинации треба да бидат организирани врз основа на претходни познавања на здравствените установи во местото на сместување, за ако се случи нешто непредвидено, да знаете каде да се обратите.
Најдобро е да се избегнуваат патувања со брод или со автобус, на подолги стази, бидејќи овие превозни средства не се пријатни за трудници.
Како да се однесувате према сонцето и летните жештини?
Најдобро е да се избегнуваат. Препораките за трудниците се строги кога се однесува за изложеноста на сончеви зраци. Дозволеното време е пред 10 часот наутро и после 17 часот на пладне, сето останато време е премногу ризично, и за трудницата и за плодот.
Директното изложување на УВ зраци може да предизвика тешка дехидратација и да доведе до колапс, а во исто време го зголемува ризикот од хиперкоагулабилност т.е тромбоза кај трудницата. Предолгото изложување на УВ зраци може да предизвика и хипертермија кај трудницата и тоа да доведе до контракции на матката и предвремено породување.
Задолжителна е шапка со голем обод, кој ќе го чува лицето, главата и вратот од сончевите зраци и лесна облека од природно влакно. Кремата за сончање треба да биде со заштитен фактор над 30 СПФ за да не дојде до изгореници кои може да останат доживотни флеки по кожата, бидејќи кожата под дејство на хормоните е многу склона кон хиперпигментации.
Она што е најважно, е да се конзумира храна богата со овошје и зеленчук како и да се внесуваат многу течности во текот на денот, а најмногу во летните периоди.