ХПВ инфекција и исхрана

Во 50-тите години на минатиот век, George Papanicolau и Herber Traut, креираа тест ПАП тест, со кој се прави скрининг на карцином на грлото на матката. До тогаш цервикалниот карцином бил водечка причина за смртност помеѓу жените во светот.  После воведувањето на ПАП тестот за скрининг на цервикалниот карцином тој “падна“ на 13 – то место, во развиените земји, и почна да се дијагностицира во поголемиот број на случаеви во преткарцинозна фаза отколку во фаза на инвазивен карцином.

Во 2008 година Harald zur Hauzen доби Нобелова награда за Медицина за разбивање на стигмата окoлу онкогените вируси и појава на малигни заболувања. Тој го поврза  Хуман Папилома Вирусот (ХПВ) со појава на цервикален карцином, разграничи постоење на окулу 16-тина високо ризични типови, кои можат да доведат до инвазивен карцином на грло на матка, и окулу 100-ти други кои се поврзани со други бенигни состојби на репродуктивните органи и го објасни механизмот на карциногенеза на ХПВ вирусот.

За тоа колку пати секоја жена треба да прави ПАП тест, дали годишно или еднаш на 2 години, ќе одлучи гинекологот (во согласност со најновите светски протоколи), кој се грижи за репродуктивното здравје на пациентката. Многу често се добиваат резултати при што нема никакви промени на клетките кои укажуваат на клеточна дисплазија или  укажуваат само на ХПВ инфекција или укажуваат на лесни промени како CIN 1. Најчесто се повторува тестот после неколку месеци и се реализира тест за детекција на ХПВ инфекција и кој тип на ХПВ перзистира(дали е високо ризичен т.е асоцира со инвазивен цервикален карцином или ниско ризичен кој асоцира со други бенигни состојби како на пр. појава на кондиломи во аногениталната регија).

Се смета дека колку подолго време перзистира високо ризичниот вирус, толку е поголема шансата за развој на карцином на грлото на матката. Покрај постапката по медицински протокол гинекологот е обрзан (исто така по протокол) да даде и совет окулу диететскиот режим, животните навики и промена на истите и евентуално додавање на суплементарна терапија заедно со останатата медицинска терапија. Во овој текст ќе обратиме внимание токму на исхраната и животните навики и како тие можат да дојдат до потполно излекување од ХПВ инфекција.

На ХПВ инфекцијата треба да се гледа како на секоја друга вирусна инфекција, т.е за да имаме успех во терапијата треба да се насочиме кон јакнење на имуниот систем, бидејки тоа е единствен начин да се победи вирусна инфекција. Од друга страна, за да дојде до вирусна инфекција и истата да ја пројави својата вирулентност и со тоа појава на болест треба имуниот систем да е ослабен и неспособен да се бори со вируси, микроорганизми и други надворешни агенси.

Како треба да изгледа нашата диета, за да имаме здрав имун систем?

Диетата треба да биде организирана, најдобро од специјализиран кадар, (грубо) во 5 помали оброци кои ќе бидат избалансиран сооднос на немасни протеини, јаглехидрати со низок гликемиски индекс и масти од растителен извор, т.е најдобро нерафинирано маслиново масло, јаткасто суво овошје. Со добро осмислен програм каде големите групи на нутритиенти како протеини, масти и јаглехидрати, нема да предизвикуваат физички или хормонален стрес на организмот (детално опишано во претходните броеви), се балансира сензитивната работа на модулаторите на клеточно ниво, од кои што зависи севкупниот но и локален имунитет, во случајов имунитетот на репродуктивните органи. Потоа доволното внесување (окулу 750 гр дневно) на најразлично обоено свежо овошје и зеленчук, ја задоволува и потребата на организмот за природни антиоксиданси од групите на каротиноиди, полифеноли (ги има окулу 2000 видови) и сите потребни витамини и минерали, со кои се доведува телото во совршена одбрана. Со ваков тип на исхрана дури и да дојде до контакт т.е инфекција со ХПВ вирусот, тој нема да може да ја пројави својата вирулентност, бидејќи имуниот систем на телото ќе биде појако и за кратко време ќе го уништи и отстрани од системот. Исто така нешто што веднаш се елиминира од навиките е уживање на цигари. Пушењето цигари е силно асоцирано со намален имунитет, но и перзистирање на инфекција со ХПВ, како и со зголемено реплицирање на вирусот. Значи кога веќе дошло до инфекција со вирусот главната насока во терапијата е зголемување на имунитетот општ и локален и откажување од цигари.

Бројни големи епидемиолошки студии се направени во правец на откривање на линк помеѓу храната и перзистирање на ХПВ инфекција, а со тоа и зголемување на ризикот од појава на цервикален карцином.

Би издвоиле една прекрасна проспективна студија реализирана со помош на повеќе медицински центри во траење од 12 месеци, кај 433 жени со позитивен ХПВ ДНК тест, каде директно во крв се мерело нивото на 3 типа на каротиноиди – антиоксиданси, криптоксантин кој најмногу го содржат цитрусните овоштија (портокал,мандарина,лимон,папаја и др), лутеинот (зелените лиснати зеленчуци и броколите, карфиолот, зелката) и зеаксантинот(пиперка, спирулина), и нивото на витамин Ц во серумот. Кај скоро 96 % од нив на почетокот се измериле многу ниски нивоа на овие антиоксиданси во крвта, но со промени во дневното внесување на различно овошје и зеленчук богати со овие каротиноиди и витамин Ц, се одржувало нивото во крвта,високо, (се мерело секои 3 месеца) и после 12 месеци третман со храна, кај 87 % од жените дошло до потполно излекување од ХПВ инфекција.  

Во друга студија, кај повеќе од 60 % од испитаничките со цервикален карцином се открило ниски вредности на фолна киселина и Б 12.

Кај пациентки со перзистентна инфекција, покрај добро осмислена програма за исхрана секогаш се додаваат додатоци во исхраната за да се поправи штетата што е нанесена и резултатите треба да се очекуваат после 1 година. Најчесто препорачани суплементи се: Омега 3, каротиноиди и полифеноли (расвератрол, аксантин, антоцијанини, лутеин), витамин Ц, витамин Е (но природен облик, никако синтетски), epigallocatechin-3-gallate-стандардизиран екстракт од зелен чај,  coriolus versicolor печурка која е силен имуномодулатор, високи дози на фолна киселина и витамин Б 12 и обавезно локален третман, за подобрување на локалниот имунитет и вагиналната флора која природно се изборува со сите типови вируси. 

Во секој случај програмата за исхрана и суплементи треба да ја одреди сертифицирано лице!